Во еден од најинтересните дуели од 12. коло од Супер лигата, ракометарите на Охрид в сабота гостуваат во Скопје кај лидерот на табелата, Вардар, кој во досегашниот тек од сезоната не знае за пораз.
Тренерот на охриѓани Горан Андоновски, вели дека досега никој не ги надиграл, па така и сега ќе одат во Скопје да се надигруваат со актуелниот шампион.
„Вардар покажа дека и покрај се оваа година повторно е најголем кандидат за освојување на титулата. Имавме добар натпревар во Охрид, се надевам на ист таков и во Скопје. Овој дуел ќе биде добра подготовка за езерското дерби со Струга, следната недела. Одиме да се надигруваме, па нека победи подобриот, ние сигурно нема да се предадеме предвреме. Сме во позиција за плеј-оф и се надевам дека ќе го оствариме планираното, а на пролет уште подобро воигрување на екипата и очекувам еден одличен плеј-оф во македонската лига каде што ќе имаме што да кажеме“, изјави Андоновски.
Охрид и на овој натпревар ќе настапи без повредениот Тоше Ончев, додека повредите на Шешиќ и Бојаниќ се веќе минато.
Во првиот натпревар одигран оваа сезона помеѓу двете екипи, во спортската сала „Билјанини Извори“, во тежок и неизвесен натпревар славеше екипата на Вардар, која со 11 победи од исто толку натпревари е лидер на табелата. Охрид со скор од 7 победи и 4 порази е на третото место.
Натпреварот помеѓу Вардар и Охрид на програмата е во сабота, 26 ноември, со почеток од 18:00 часо