За Крсте Андоновски ракометот бил предодреден, а како да биде и поинаку кога го носи името, и е внук, на Крсте Андоновски, легендарно име во ракометниот свет на овие простори, ракометен тренер и поранешен селектор на Македонија во рамките на СФРЈ.
Крсте од мали нозе бил на ракометните терени и почнал да се дружи со топката. Првите чекори ги прави во тимот на Св. Климент Охридски кој му беше претходник на денешниот Охрид.
По згаснувањето на Св. Климент Охридски, една сезона помина во Струга, па кога ги започнува студиите во Скопје, по една сезона настапува за составите на Пролет и Драчево.
„Потекнувам од една ракометна фамилија која многу дала за ракометот во Охрид, па оттука ракометот беше единствен избор на спорт. Уште од најмали нозе, мојот покоен дедо, по кого го носам името, ми ја всади љубовта кон ракометот. По реоформувањето на Охрид, се вратив повторно дома и настапувам за Охрид до ден денес. Низ годините Охрид имаше различен изглед и различни амбиции. Најнапред од влез во Супер лига, па опстанување во истата, до влез во плеј-оф, трето место во Македонија и играње ЕХФ куп и Ф4 во Купот на Македонија. Оваа година имаме комплетно нов тим, се’ уште се воигруваме, одиме во нагорна линија и мислам дека ќе оствариме добри резултати“, раскажува Андоновски.
Тој е дел од Охрид од самото формирање на клубот од 2011 години, веќе долги 11 години, а од 2006 година ја добива капитенската лента и е предводник на екипата.
„Честа да се биде капитен на клубот од кој потекнуваш е голема, но исто толкава е и одговорноста“, вели Андоновски и додава дека и наредните две-три сезони се гледа во Охрид, каде што поминал половина од својот живот.
Од неодамна тој заплива во брачните води, а отвори и адвокатска канцеларија, па го запрашавме дали се наоѓа слободно време и доколку го има како го поминува.
„Со сите тие обврски немам многу слободно време, но ако добро се менаџира со времето, може да се најде време за се. Она малку слободно време што го имам гледам да го искористам со семејството и пријателите“, истакна Андоновски.
Охрид во сабота од 18:30 часот на домашен терен го игра езерското дерби против Струга во рамките од 13. коло од домашното првенство, дуел на кој Андоновски повторно ќе биде меѓу оние кои ќе се обидат да му помогнат на тимот да го потврди местото во разигрувањето за титула во Македонија.