Екипата на Бутел ја забележа четвртата победа во Супер лигата, откако на свој терен славеше против повратникот во македонската елита, тимот на Куманово, со резултат 31:28. За тимот на Бутел ова беше последна проверка на силите пред реванш натпреварот против Алпла Хард во Лига на Европа.
Ракометарите на Бутел имаа добар старт и со двата погодоци на Манасков поведоа со 2:0 во воведниот дел. Составот на Куманово првиот гол го постигна по пет минути игра и успеа во поголемиот дел од првото полувреме да биде рамноправен противник. По водството на Бутел од 4:2, следуваше израмнување на резултатот од страна на гостинскиот состав, кој со погодоците на Петковски и Тасевски дојде до 4:4.
Избраниците на Кристијан Грчевски за неколку минути игра се одлепија на 7:4, но до 20 минута никако не можеа да дојдат до поголема предност бидејќи составот на Куманово секогаш наоѓаше простор во одбраната на домаќините и преку разиграниот Мрвовиќ доаѓаше до намалување на резултатот. Бутел успеа во неколку наврати да ја сочува предноста од два-три гола разлика, но по водството од 11:8 му дозволи на гостинот да се врати во игра и да намали на 11:10.
Домашните игрчи во последниот период од првиот дел ги казнија сите грешки на гостинот, ги затворија разиграните ракометари од противничкиот табор и со одлична серија од 5:0 се одлепија на 16:11. Сепак, кога требаше да дојдат на поголема позитива сѐ почесто грешеа во нападите и составот на Куманово го искористи падот во играта на домаќинот, но не успеа во целост да направи пресврт. Првото полувреме заврши со два гола предност за Бутел, 16:14.
Во второто полувреме Куманово падна физички и не можеше да се носи против поискусниот противник. Ракометарот на Бутел, Филип Николов во 38 минута заработи црвен картон поради три исклучувања и неговото отсуство не се одрази негативно за домаќинот. Ракометарите на Грчевски преку добро организирани напади се одлепија на 19:15 и во понатамошниот тек од натпреварот имаа контрола на резултатот.
Веќе при резултат од 25:20 во 45 минута беше јасно дека гостите ќе имаат тешка задача за да дојдат до камбек во дуелот. Во 50 минута, исто така црвен картон поради три исклучувања заработи ракометарот на Куманово, Даниел Постоловски. Бутел во последните десет минути не дозволи да се случи сензација и рутински ја завери четвртата победа во новата натпреварувачка сезона. Куманово во последните минути успеа само да го ублажи поразот и да дојде до пристојна негатива.
Најефикасни во победничката екипа со по пет гола беа Мирко Мајиќ и Мартин Манасков. Кај Куманово се истакнаа Влатко Тасевски со девет и Вучко Мрвовиќ со шест гола.