Екипата на Бутел Скопје на гостувањето во Австрија кај Алпла Хард беше поразена со 26:21, во натпревар од првиот дуел од второто квалификациско коло од Лига на Европа.
Алпла Хард во речиси целиот натпревар имаше резултатска контрола и на реванш натпреварот во Скопје ќе стартува со пет гола предност. Бутел доколку сака да игра во групната фаза во ЛЕ ќе мора да оствари победа со шест гола разлика.
Македонскиот тим со голот на Николов го отвори дуелот со водство од 1:0, а домаќините со два гола во низа го презедоа водството и по пет минути игра дојдоа до предност од 2:1. Откако Бутел со голот на Манасков израмни на 2:2, следуваше период, во кој двете екипи сѐ почесто грешеа во нападите, но екипата на Алпла Хард успеа да се консолидира и да се одлепи на 4:2.
Иако голманот на Бутел, Блажевски за десетина минути имаше четири одбранети удари, сепак, домашната екипа во 12 минута зголеми на 6:3 и до крајот на првото полувреме беше подобриот противник на теренот. Овие три гола предност беа голема психолошка предност за австрискиот вицепрвак, кој не дозволуваше лесни погодоци во својата мрежа и кон средината на првото полувреме дојде и до највисокото водство од плус четири гола разлика, 8:4.
Избраниците на Кристијан Грчевски се обидуваа да фатат приклучок и со погодоците на Младеновски и Јевтиќ намалија на 8:6 на десетина минути пред крајот на првиот дел. Од тој момент Бутел заостануваше на два-три гола разлика и при резултат од 10:8 составот на Грчевски пропушти шанса да намали на гол негатива. По 30 минути игра резултатот беше 11:8 во корист за Алпла Хард.
Бутел за неколку минути игра во вториот дел конечно намали на еден гол негатива, 11:10. Домаќините не дозволуваа тимот од Македонија да направи камбек, се одлепија на 14:11 и до финишот имаа целосна контрола на теренот.
Секогаш кога Бутел требаше да се закани и да се врати во игра, недостасуваше вистинскиот чекор и без многу идеја како да се запрат расположените домаќини, македонскиот претставник во 40 минута заостануваше на 19:14. Ништо не се смени во последниот период од натпреварот, домаќинот постојано беше на плус пет гола разлика и во финишот рутински ја завери победата, со која се наоѓа пред историски пласман на европска сцена.
Најефикасен во редовите на Бутел беше Мирко Мајиќ со пет гола од десет обиди, додека четири погодоци во мрежата на домаќинот постигна Филип Николов, кој на десетина секунди пред крајот заработи црвен картон, па поради тоа беше досуден и пенал преку кој домаќините стигнаа до победата од пет гола разлика. Одличен на голот на Бутел беше Бобан Блажески со 14 интервенции. Во победничката екипа се истакна Лука Рашел со десет гола.
Реванш натпреварот меѓу Бутел Скопје и Алпла Хард ќе се одигра на 4 октомври во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток од 18:45 часот.