Ракометарите на Пролет се „извадија“ за ремито со Радовиш во претходното коло и остварија убедлив триумф на домашен терен против составот на Јуниор Кисела Вода со 11 гола разлика, 32-21.
Симоноски го отвори резултатот, но потоа следуваше серија на домашните од пет гола за 5-1 и веднаш тајм-аут на Игор Котевски. За момент гостите ја преполовија негатива и се вратија на минус три гола, 10-7.
Следуваа неколку нереализирани напади на Јуниор КВ, Пролет ги казнуваше сите грешки. На два пати Јагуриновски беше прецизен, потоа и голманот Михајлевиќ погоди и веќе беше 14-7. На пауза беше 16-10 за Пролет.
Повторно Јагуриновски и Тотиќ стрелаа за 18-10 на стартот на вториот дел, но гостите набрзина погодија три пати за 18-13. Голманот на Пролет, Михајлевиќ беше одличен во овој дел од мечот и им овозможи на соиграчите да ја зголемат предноста.
Кога предноста на домашните порасна на девет гола, 23-14, беше јасно кој ќе ги освои бодовите. До крајот само рутински беше одработена задачата од избраниците на Алексо Лембанов.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Томислав Јагуриновски, Иван Џонов и Михаел Тотиќ со по седум погодоци, додека кај Јуниор КВ, пет гола даде Никола Митровиќ.