Ракометарите на Бутел Скопје на гостувањето кај Вардар Неготино остварија рутинска победа со 27:20, во натпревар од 4. коло од Суперлигата.
Избраниците на Кристијан Грчевски победата ја обезбедија уште во првите десет минути од дуелот и во останатиот дел немаа никакви проблеми против домашниот состав. Бутел одлично го започна натпреварот, поведе со 4:0, потоа имаше 7:1, а кон средината на првото полувреме имаше и 10:2.
Поискусниот состав на Бутел речиси секоја грешка на домаќинот ја казнуваше со погодок и не дозволуваше лесни голови во својата мрежа. Одлично во нападот кај Бутел се снаоѓаа и ракометарите со помала минутажа, кои целосно ја оправдаа дадената доверба. Бутел на полувреме замина со водство од девет гола разлика, 14:5.
Во второто полувреме се измешаа поставите, шанса добија сите ракометари, но тоа не се одрази на резултатот и гостинската екипа рутински го доврши мечот, со што ја запиша третата победа во новата натпреварувачка сезона. Домаќините можат да бидат задоволни од играта во вториот дел, бидејќи постигнаа 15 гола повеќе од првиот дел.
Најефикасен во победничката екипа беше Мирко Мајиќ со шест гола. Кај Вардар Неготино се истакнаа Ѓорѓи Орешков со седум и Саша Михајловиќ со пет гола.
Во следното коло Бутел на свој терен ќе го пречека Куманово, додека Вардар Неготино ќе гостува кај Прилеп.