Откако вчера беше продолжена соработката со десното крило Ненад Костески, денеска Еурофарм Пелистер објави дека е потпишан нов договор и со левото крило Цветан Кузманоски.
22-годишниот стружанец ја игра третата сезона во Битола, откако дојде од матичната Струга. Од оваа сезона е член на Еурофарм Пелистер, откако претходно се наметна во Еурофарм Пелистер 2.
„Ова е моја трета сезона во Битола. Задоволен сум, се навикнав на оваа средина. Голем напредок во кариерата ми е што се префрлив во првиот тим, стигнав и во репрезентација и се надевам дека оваа сезона ќе ја оствариме нашата цел, да ги донесеме титулите во Битола“, вели Кузманоски.
Кузманоски е актуелен сениорски репрезентативец на Македонија, а во Битола ја дели минутажата со Гоце Ојлески и Бојан Маџовски.