Тимот на Висла Плоцк со победа го прослави камбекот во Лигата на шампионите по две сезони пауза. Полскиот тим на домашен терен го победи составот на Порто сo 27-23, откако на полувреме беше 14-10.
Македонскиот репрезентативен голман Никола Митревски го чуваше голот на португалскиот првак четириесетина минути во кои успеа да запре четири удари на домаќините.
Висла Плоцк отвори со предност од 6-1 и се чинеше дека лесно ќе ги освои бодовите на овој натпревар. Како одминуваше времето така Порто полека се враќаше во игра. Успеаја избраниците на Магнус Андерсон да намалат на минус два, но сепак полскиот тим на пауза замина со висока предност, 14-10.
Со голот на Перез Арсе, Висла во 40. минута обезбеди највисоки плус шест, 19-13, но наместо мирна завршница, мораа да крајот да стравуваат за бодовите. По 20-15, гостинските ракометари направија голем камбек. Стигнаа на 23-22, имаа шанса да израмнат, но Пилиповиќ го одбрани ударот на Бранкињо.
Потоа хрватскиот голман „симна“ уште два обиди на Порто, неговите соиграчи казнија во нападто за 25-22 на три минути до крајот и веќе немаше шанси за нешто повеќе за португалскиот првак, кој мораше да се помири со пораз.
Кристијан Пилиповиќ имаше 15 одбрани за Висла Плоцк, а шпанското десно крило Гонзало Перез Арсе даде седум гола. Кај Порто се истакнаа Диого Оливеира кој имаше пет гола, додека Дајмаро Салина беше стрелец на четири погодоци.