Магдебург по 17 години запиша победа во ЛШ, Динамо не беше лесна пречка

Ракометарите на Магдебург стартуваа со победа во камбекот во Лигата на шампионите, откако славеа на незгодното гостување во Букурешт кај Динамо со два гола разлика, 30-28.

Ова е прва победа за бундеслигашот по дури 17 години, откако последниот триумф во елитното натпреварување беше забележан во 2005 година на домашен терен против Чеховски Медведи.

Романскиот тим беше тој што имаше контрола на резултатот во првото полувреме. Водеа избраниците на Чави Пасквал и со три гола разлика, првпат по петнаесетина минути игра, 7-4, откако погодија Кудуз, Кашпарек и Али Зеин. Гедбан бранеше одлично во овој период.

Како се ближеше крајот на првото полувреме, така бундеслигашот успеваше да фати ритам и да се доближи резултатски, па Смитс израмни на 14-14. Во продолжение се играше гол за гол и на пауза се замина со реми, 16-16.

Исландскиот двоец Магнусон и Кристијансон донесе плус два за Магдебург на стартот на вториот дел, 18-16, но потоа одличниот Кудуз возврати на спротивната страна и одново беше нерешено, 19-19.

Во продолжение имаше резултатска клацкалка, Магдебург водеше со еден или два гола разлика, но Кашпарек успеа да израмни на 26-26 во 52. минута. Клучната предност ја направија Кристијансон и Магнусон со головите за 28-26, Али Зеин промаши и до крајот немаше дилеми околу победникот.

Најдобри стрелци кај Магдебург беа исландските репрезентативци Кристијансон и Магнусон со седум, односно пет гола, а одличен на голот беше Никола Портнер со 15 одбрани. Кај Динамо Букурешт се истакнаа Кудуз со шест, како и Акименко и Кашпарек со по пет гола.