Хансен ќе му прави друштво на Лазаров во клубот „1000“, Алборг отвори со триумф!

Екипата на Алборг пред својата публика славеше против Целје, со резултат 36:32 (20:17), во рамките од првото коло од Лигата на шампионите. Амбициозниот тим на Алборг имаше одлично прво полувреме, но во вториот дел требаше да го даде својот максимум за дојде до победа.

Микел Хансен беше најдобар стрелец кај Алборг со 10 гола, а третиот од нив беше 1.000 во Лигата на шампионите. Покрај Хансен, од претходно вакво остварување имаат Кире Лазаров, Никола Карабатиќ и Тимур Дибиров.

Ракометарите на Алборг победата ја обезбедија уште во првите петнаесетина минути од дуелот. По израмнетиот почеток, во кој гостите од Словенија успеаја да им парираат на домаќините, следуваше одлична игра на избраниците на Стефан Мадсен, кои од минута во минута градеа сигурна предност.

По нерешениот резултат од 2:2, домашниот состав се одлепи на 4:2 и од тој момент започна со својата доминација. Целје никако не можеше да го пронајде патот до мрежата на домаќинот, кој ја казнуваше секоја грешка на противникот и речиси по петнаесетина минути игра Алборг дојде до убедливо водство од плус шест гола разлика, 11:5.

Расположени за игра во Алборг беа Микел Хансен, Лукас Сандел, Клар Феликс…па така домаќините продолжија да го полнат голот на словенечкиот шампион. Сепак, Алборг во последните десет минути имаше пад во играта, а составот на Тоскиќ успеа да се врати во игра при крајот на првото полувреме кога намали на само два гола разлика, 19:17. По 30 минути игра резултатот беше 20:17 во корист за екипата на Алборг.

По десет минути игра во второто полувреме, односно во 40 минута, екипата на Алборг имаше четири гола предност, 25:21, но сѐ уште победата не беше загарантирана, бидејќи Целје постојано беше во ситуација да ја загрози предноста на домашната екипа.

Иако Целје во неколку наврати заостануваше на само два гола разлика, сепак, поискусната екипа во последниот период од натпреварот го скрши отпорот на гостинот и успеа со победа да ја започне новата сезона во Лигата на шампионите.

Одлична партија во дресот на Алборг имаа Хансен, Феликс и Бјорнсен. Хансен беше лидер во победничката екипа со десет погодоци од исто толку обиди и кога го постигна третиот гол на натпреварот стигна до бројката од 1000 гола во Лигата на шампионите. 100% реализација имаа и Феликс и Бјорнсен, кои постигнаа седум, односно шест гола. Кај Целје се истакнаа Алекс Влах со осум и Гал Маргуч со седум гола.