„Зебрите“ за пет минути го „решија“ Елверум

Екипата на Кил новата натпреварувачка сезона, 2022/23 во Лигата на шампионите ја започна со убедлива победа, откако пред своите навивачи го совлада норвешкиот шампион Елверум, со резултат 36:26 (17:13), во натпревар од групата Б.

Најголемиот дел од првото полувреме мина во изедначена борба. И двете екипи имаа свои моменти во првите 30 минути, а „зебрите“ со подобрата игра во последните пет-шест минути ја направија резултатската предност на полувреме.

Ракометарите на Елверум во првото полувреме беа и повеќе од рамноправен противник кога на моменти имаа и минимална предност од еден гол, но падот во играта во последните минути од првиот дел беше причина избраниците на Филип Јиха на пауза да заминат со предност од четири гола разлика, 17:13.

Кил за неколку минути игра во второто полувреме ја обезбеди победата, откако при резултат од 19:15 се одлепи на плус седум, 22:15, и тука веќе ја заврши својата работа. Елверум се обидуваше да се врати во игра и натпреварот да го направи понеизвесен, но секоја акција за било какво загрозување на водството на домаќинот завршуваше без успех.

Најефикасен во победничката екипа беше репрезентативецот на Норвешка, Харалд Рајнкинд со шест постигнати погодоци, додека по пет гола во мрежата на гостинот реализираа Патрик Винчек и Никлас Екберг. Во екипата на Елверум најефикасен беше новото засилување од Србија, Урош Борзаш со шест гола.