Денес започнува новата натпреварувачка сезона во Лигата на шампионите во машка конкуренција, а титулата ќе ја брани каталонскиот гигант Барселона. Како што е веќе познато, во новата сезона ќе се натпреваруваат 16 екипи и ќе нема ниту еден дебитант.
По два претставници во најелитното европско натпреварување ќе имаат Франција, Данска, Унгарија, Полска и Германија, додека по еден претставник ќе имаат Романија, Хрватска, Словенија, Шпанија, Норвешка, Португалија.
Во групата А ќе играат екипите на ПСЖ, Магдебург, ГОГ, Порто, Динамо Букурешт, Веспрем, Висла Плоцк и Загреб. Екипите на ПИК Сегед, Елверум, Целје, Келце, Нант, Кил, Барселона и Алборг ќе ја сочинуваат групата Б.
Барселона има освоено најмногу титулите во Лигата на шампионите. Шпанскиот шампион, кој успеа во последните две сезони да доминира на европска сцена, трофејот во ЛШ го освојуваше дури 11 пати, додека бундеслигашот Кил се наоѓа на второто место со четири освоени шампионски титули.
Од тренерите кои ќе ги предводат екипите во новата сезона во ЛШ, пет успеале да ја освојат Лигата на шампионите како играчи. Тоа се Карлос Ортега од Барселона, кој како играч на споменатиот тим успеал да го освои првото место во елитното европско натпреварување, потоа тренерот на Келце, Талант Душебаев, екс репрезентативецот на Србија и актуелен тренер на Веспрем, Момир Илиќ, предводникот на „зебрите“ Филип Јиха и тренерот на Елверум, Борге Лунд со екипата на Кил ја освоиле титулата во Лигата на шампионите.
Талант Душебаев, Филип Јиха, Роберто Парондо и Карлос Ортега ја освоиле Лигата на шампионите како играчи и како тренери. 4 од 16-те тренери, кои ќе ги предводат екипите во новата сезона во ЛШ ја освоиле шампионската титула како тренери со нивните сегашни или поранешни тимови – Карлос Ортега со Барселона, Талант Душебаев со Сиудад Реал и Келце, Чави Пасквал со Барселона и Раул Гонзалес со македонскиот шампион Вардар.
Единствен Македонец во елитата оваа сезона ќе биде голманот Никола Митревски, кој со португалскиот првак Порто гостува кај полскиот вицепрвак Висла Плоцк во првото коло.
Лига на шампиони, 2022/23, 1 коло:
група А
Загреб – ГОГ Гудме
Веспрем – ПСЖ
Висла Плоцк – Порто
Динамо Букурешт – Магдебург
група Б
Кил – Елверум
ПИК Сегед – Барса
Алборг – Целје
Келце – Нант