Репрезентацијата на Франција, која е еден од противниците на Македонија на ЕП во ноември, на кое нашата држава заедно со Црна Гора и Словенија ќе бидат домаќините на континенталниот собир, пред доаѓањето во Скопје ќе одигра две пријателски средби со Германија.
За натпреварите против германската репрезентација, кои ќе се одиграат на 30 септември и на 2 октомври, селекторот на Франција, Оливие Крумболц објави список, на кој партиципираат 20 ракометарки.
На списокот се наоѓаат и искусните Клеопатра Дарле, Лора Глозе, Грас Заади, Паулета Фопа… па така се очекува Франција со скоро истиот состав да настапи и на ЕП во ноември и повторно да биде еден од кандидатите за освојување на шампионската титула. Новина е повикот за средниот бек на Нант, Грандво.
Франција на Европското првенство во 2020 година го освои второто место, откако во финалето загуби од Норвешка со два гола разлика, 22:20. Една година подоцна на Мундијалот во Шпанија, избраничките на Крумболц во финалето повторно беа поразени од скандинавската селекција.
Освен со Македонија, француската репрезентација ќе игра и против Холандија и Романија во рамки од групата Ц. Најдобрите три репрезентации од секоја група ќе обезбедат пласман во главната фаза на ЕП.