Екс ракометарот на Охрид, средниот бек Филип Кривокапиќ, кој во македонскиот суперлигаш мина три сезони, се врати во својата татковина каде што ќе го носи дресот на матичниот клуб Ловќен.
Кривокапиќ со стекнатото интернационално искуство низ настапите во Македонија и Унгарија се очекува да биде вистинско засилување во црногорскиот вицепрвак, кој во новата сезона ќе атакува на враќање на шампионската титула во свои раце.
26-годишниот среден бек својата кариера ја стартуваше токму во екипата на Ловќен со која забележа неколку настапи на европска сцена. Изминатата сезона во македонската Суперлига беше меѓу најдобрите 20 стрелци и сезоната ја заврши со вкупно 82 постигнати погодоци.
Претходно Ловќен направи промена на тренерската функција и како тренер го назначи искусниот Влатко Ѓоновиќ, кој во својата тренерска кариера ги предводеше женските екипи на Астраханочка од Русија и Кишварда од Унгарија, а беше дел и од стручниот штаб на Будуќност.
Во тимот пристигна и искусниот Игор Радојевиќ, потоа Владан Абрамовиќ, Дражан Мандиќ, како и довчерашниот кружен напаѓач од Пролет, Жарко Пејовиќ.