Тасески: Сметам дека Охрид е подобар од минатата сезона, но ќе оставиме времето да покаже

Тимот на Охрид по стартниот пораз од Бутел Скопје ќе игра на домашен терен против Прилеп и ќе ги бара првите бодови во новата сезона од Суперлигата.

Кружниот напаѓач Иван Тасески вели дека ривалот не смее да биде потценет, но дека неговиот тим е фаворит и ќе ја оправда таа улога.

„Ни доаѓа на гости еккипата на Прилеп, која воопшто не е за потценување и е составена од неколку искусни играчи и многу лади желни за докажување. Имаат добра транзиција и треба да одиграме добро во одбраната, па со лесни голови од контра или полуконтра да ја оправдаме фаворитската улога на овој натпревар. Имаме нов ростер, треба да помине малку време за да се воиграме и да имаме уште подобри резултати. Мислам дека сме подобри од минатата сезона, но ќе оставиме времето да покаже“, вели Тасески.

Левото крило Хазеин Рустамов, кој дојде токму од Прилеп, знае со каков противник ќе си имаат работа.

„Натпреварот ќе биде интересен. Јас играв две години во Прилеп, кој има искусни и добри ракометари, но се надевам дека ќе ја завршиме работата според планот. Ние сме фаворити и имаме доста квалитетни играчи, кои можат да ги донесат првите бодови. Имавме многу грешки со Бутел, но нова екипа сме и ќе ни треба малку време за да се воиграме. Квалитетот е на наша страна и мислам дека ќе биде се подобри како ќе одминува времето“, вели Рустамов.

Натпреварот меѓу Охрид и Прилеп се игра утревечер во СРЦ „Билјанини Извори“ со почеток во 19:30 часот.