Македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер со победа ја започна новата натпреварувачка сезона, 2022/23, откако на свој терен во спортската сала „Боро Чурлевски“ без проблеми триумфираше над Скопје, со резултат 32:17 (17:6), во натпревар од групата Б.
Ракометарите на Ларс Валтер уште од самиот старт ја презедоа контролата и по десет минути игра имаа водство од 4:1. Гостинскиот состав предводен од тренерот Горан Кузманоски вториот гол го постигна во 15 минута преку Барјактаревиќ, а минута подоцна, истиот ракометар беше ефикасен за намалување на резултатската негатива на 5:3.
Сепак, поискусната екипа на терен главно преку контри започна да се одлепува на сериозна предност. По дваесетина минути игра, водството на „фармацевтите“ беше плус седум гола разлика, 12:5. Како што одминуваше времето, така екипата на Еурофарм Пелистер ја зголемуваше својата предноста, која по 30 минути игра беше плус 11, 17:6.
Во второто полувреме, кое повеќе беше формалност, домашниот тим успеа рутински да ја заврши својата задача. Екипата на Еурофарм Пелистер по десетина минути игра во вториот дел дојде до 21:8 и до крајот на натпреварот ја казнуваше секоја грешка на противникот.
Најефикасни во победничката екипа беа Ненад Костески со шест и Гоце Ојлески со пет погодоци. Во таборот на Скопје се истакнаа Леонид Киселовски и Игор Трајковски, кои во мрежата на домаќинот постигнаа пет, односно четири гола.
Еурофарм Пелистер во второто коло ќе игра против Голден Арт, додека екипата на Скопје првите бодови ќе ги бара во скопското дерби против Јуниор КВ.