Во првото полуфинале на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски – Усташ“, тимот на Партизан славеше по пеналите над Пролет со 35-34, откако регуларниот дел заврши 30-30. Српскиот тим допатува со ослабен и подмладен ростер од 14 ракометари, но и покрај тоа го намачи Пролет, кој беше во добитна комбинација, но во финишот пропушти предност од три гола и на крајот беше поразен по пеналите.
Партизан поведе со 2-0, но Пролет преку Стојановски и Јагуриновски израмни на 2-2. Потоа скопскиот тим диктираше темпо и имаше контрола врз резултатот до 12.минута кога беше 5-7. Потоа голманот Трнавац бранеше добро, па Пролет немаше постигнато гол седум минути. За тоа време погодуваа Гудуриќ и Петриќ, па Партизан направи комплетен пресврт и поведе со 8-7.
Продолжи серијата на српскиот тим за 11-8, па Лембанов мораше да бара тајм-аут. Сепак не се сменија многу нештата на теренот и Партизан ја одржа разликата до крајот на првото полувреме, кое заврши 15-13.
На стартот на вториот дел со головите на Џонов и Додевски, Пролет израмни на 15-15. Партизан остана без Мартин Варга поради три исклучувања, а македонскиот тим тоа го искористи за серија од три гола и пресврт, 16-18. Пролет на петнаесетина минути до крајот остана без Џонов поради три исклучувања, поради приговор казна доби и Лембанов при резултат 20-22. Партизан од пенал намали на 21-22, но Јагуриновски зголеми на 21-23.
Првпат Пролет имаше плус три гола предност на осум минути до крајот, откако голманот Михајлевиќ погоди од гол на гол, 24-27. Но гостинот од Србија не се предаваше и израмни на 29-29 кога имаше да се игра уште две минути. Репрезентативецот Јагуриновски стрелаше за 29-30, а Партизан не успеа да организира напад. На дваесетина секунди до крај Пролет згреши, а Праштало даде гол од тешка ситуација за реми и пенали.
Партизан ги погоди сите пет удари, за Пролет промаши Доне Мајнов и српскиот тим се пласира во финалето. Последниот гол беше дело на Поповиќ. Урош Којадиновиќ со девет гола беше најдобар кај Партизан, додека Вељко Поповиќ постигна седум гола, а кај Пролет се истакна Томислав Јагуриновски со девет гола и Андреј Стојановски со четири погодоци.
Во финалето српскиот тим ќе игра со победникот од дуелот меѓу Тиквеш и Охрид.