Вицепрвакот на јужниот сосед на Македонија, АЕК Атина, го освои петтото место на јубилејното 50.издание на Струшкиот турнир, откако славеше против новиот македонски суперлигаш и дебитант на турнирот Алкалоид со 29-26.
АЕК отвори со 4-1, дебитантот се врати во игра и имаше негатива од минус еден, но попушти реализација и грешките набрзина беа казнети од поискусниот ривал. Плус четири имаше АЕК, 10-6, а на пауза се замина со 16-13 за гостинот од јужниот сосед.
По десетина минути игра во вториот дел, македонскиот тим успеа да се врати во игра и да израмни на 18-18. Сепак Арсиќ на голот на АЕК беше одличен, запре пенал, одбрани уште еден удар и неговиот тим се врати на плус три, 21-18.
Потоа Серафимов постигна убав погодок за 21-20 и македонскиот тим повторно беше во игра за позитивен резултат. Погодуваа двете екипи наизменично, но АЕК ја задржуваше предноста од еден до два гола.
Струга 2022: АЕК – Алкалоид 5 место
На десет минути до крајот АЕК Атина се врати на безбедна залиха од пет погодоци, 26-21. Од стручниот штаб на гостинот константно реагираа на одлуките на судискиот пар Андонов-Јовановски, ако немаше потреба за тоа, па добија казна во финишот.
Серафимов стрелаше за 26-22, Стојков имаше шанса да намали уште повеќе, но не реализираше. АЕК погоди на спротивната страна за 27-22 и умешно ја одржа убедливата предност до крајот.
Седмото место го освои екипата на Струга, откако славеше со 26-24 над Бутел Скопје. Во мечот за третото место од 19:30 часот ќе играат Татран Прешов и Вардар, додека во финалето ќе се сретнат Еурофарм Пелистер и Целје од 21:30 часот.