Загреб е втората екипа, која обезбеди пласман на Ф4 турнирот во СЕХА лигата, откако во четвртфиналниот дуел против Војводина, кој беше одигран во Нови Сад, славеше со резултат 24:23 во неизвесен натпревар. Победничкиот гол за Загреб го постигна Звонимир Срна во последната секунда од натпреварот. Претходно пласман на завршниот турнир од регионалното натпреварување обезбеди унгарскиот гигант Веспрем.
Избраниците на Ивица Обрван, во првите 30 минути имаа рутинска контрола против домаќинот. Војводина во првото полувреме беше рамноправна десетина минути, а по нерешениот резултат од 5:5, следуваше серија од 4:0 на „плинарите“ за највисоко водство од 9:5.
Гостинскиот тим ги имаше расположените Чупиќ, Дибиров, како и голманот Дино Славиќ, па така водството од четири гола разлика во ниту еден момент не беше загрозено. Пред крајот на првиот дел, хрватскиот шампион дојде и до плус пет, 16:11, додека на полувреме резултатот беше 16:12 за ракометарите на Обрван.
Во второто полувреме, откако Загреб поведе со 17:13, домашниот тим со три гола во низа се врати во игра, намали на 17:16 и пропушти неколку напади за целосен камбек. Ракометарите на Загреб во првите десет минути од второто полувреме направија голем број на технички грешки, со кои му дозволија на домаќинот да се надева на сензација.
Војводина во 45 минута конечно дојде до израмнување на резултатот, 19:19. Загреб со головите на Чупиќ и Дибиров се одлепи на 21:19, но победата не беше загарантирана бидејќи Војводина со голот на Пуховски намали на 22:23 на две минути пред крајот, а на осум секунди пред финишот дојде и до 23:23.
Срна во последниот напад имаше успешна реализација за голема радост на загребчани, кои во полуфиналето на Ф4 турнирот во Задар ќе играат со подобриот од дуелот меѓу Вардар и Нексе.