По Марија Јовановска и Матеа Чурлиновска, кои имаа одлични остварувања на женското кадетско СП, и кај момците, Иван Галевски и Давид Брестовац, покажаа дека може да очекуваме од нив големи работи во иднина.
Двајцата голмани кои настапија и на младинскиот шампионат во Варна, беа одлични и на кадетскиот ЕХФ шампионат во Рига, каде имаа најмногу одбрани од сите други чувари на мрежата.
Галевски и Брестовац заедно одбранија вкупно 77 од 179 удари на противниците што е 43% на успешност. Ако се знае дека се што е над 30% за голманите е успешно, тогаш ова е повеќе од успешно и треба да биде мотив плус за нив во иднина.
Покрај Галевски и Брестовац, заслуги за нивните партии има и Ице Соколески, кој е тренер на голманите во сите машки репрезентации. Тој не беше во Рига, но се виде неговата работа за време на подготовките.
Следен предизвик за кадетите ќе биде настапот на Мундијалот во Хрватска следното лето, додека во 2024 година ќе играат на ЕП.