Машката кадетска репрезентација на Македонија го освои ЕХФ шампионатот во престолнината на Летонија, Рига, откако триумфираше во финалето против незгодната репрезентација на Швајцарија, со резултат 24:22.
Освоеното прво место на Македонија на ЕХФ шампионатот и донесе пласман на младинското ЕП 2024 година и пласман на кадетското СП 2023 година.
По завршувањето на финалниот натпревар беше избран идеалниот тим на ЕХФ шампионатот во Рига.
Место во идеалниот тим имаше дури за четворица репрезентативци на Македонија. За МВП на ЕХФ шампионатот е прогласен Томислав Димковски, ракометар кој погодуваше кога беше најпотребно во денешното финале, во кое беше најефикасен со седум постигнати погодоци.
Наградата за најдобро лево крило му припадна на Михаел Тотиќ, додека наградата за најдобар голман заврши во рацете на Давид Брестовац. За најдобро десно крило беше прогласен Александар Петковски, кој ја заокружи доминацијата на македонските играчи во Ол стар тимот.
Репрезентативецот на Швајцарија, Валентин Волфисберг беше избран за најдобар среден бек, додека неговиот соиграч Миха Ромер беше избран за најдобар дефанзивец на ЕХФ шампионатот. За најдобар десен бек наградата ја доби Арда Јилдиз од Турција, за најдобар кружен напаѓач беше избран ракометарот на Летонија, Јевгениј Рогоновс, а најдобар стрелец на ЕХФ шампионатот беше Лук Кајсен од Луксембург со 44 погодоци.
Кадетите слават во Рига – Македонија го освои ЕХФ шампионатот во Летонија