Кадетите слават во Рига – Македонија го освои ЕХФ шампионатот во Летонија

Машката кадетска репрезентација на Македонија го освои ЕХФ шампионатот во престолнината на Летонија, Рига, откако триумфираше во финалето против незгодната репрезентација на Швајцарија, со резултат 24:22. Освоеното прво место на Македонија на ЕХФ шампионатот и донесе пласман на младинското ЕП 2024 година и пласман на кадетското СП 2023 година. Драмата што беше присутна на крајот беше решена во наша корист, и македонските ракометари за седум минути го „свртеа резулатот“ и не му дозволија на ривалот да постигне гол, а тие дадоа четири за триумф.

Натпреварот го отвори македонската репрезентација со голот на Александар Петковски од пенал за водство од 1:0. Швајцарија покажа дека не е случајно во финалето на ЕХФ шампионатот во Рига и рамо до рамо се носеше со нашата репрезентација. Ниту една од двете репрезентации не можеше да се одлепи на поголема разлика од еден гол, па така резултатот во првите 20 минути најчесто беше изедначен. При водство од 6:5, избраниците на Раде Стојановиќ имаа можност да дојдат до плус два, но десното крило, Петковски промаши од пенал.

Швајцарија во 20 минута преку Сарлос дојде до изедначување на резултатот, 6:6. Македонија за две-три минути направи серија од 3:0, која беше дело на Димковски, Николовски и Калајџиески, и дојде до највисокото водство од три гола разлика, 9:6. Сепак, ракометарите на Швајцарија не се предаваа, возвратија со иста мера и со три постигнати погодоци повторно дојдоа до израмнување на резултатот, 10:10, откако претходно Македонија имаше водство од 10:7.

Во последните минути од првиот дел, Македонија ја подобри одбраната и секоја грешка на противникот ја казнуваше со погодок. Македонија со двата погодоци на Димковски и првиот погодок на Белистојаноски на пауза замина со плус три гола разлика, 13:10. Одлична парија во првото полувреме имаше Томислав Димковски со пет погодоци од исто толку обиди, како и Мирче Калајџиески, кој исто така имаше 100% реализација во првите 30 минути (3/3).

За пет минути во второто полувреме Швајцарија целосно се врати во игра, со брзата игра која ја демонстрираше успеа да го израмни резултатот, 14:14. Следуваше пад во играта на македонската репрезентација, но противникот не ја искористи ситуацијата со играч повеќе, бидејќи во неколку наврати голманот Брестовац успеваше да одбрани.

Кадетите, силно, моќно и мотивирано ја испеаја химната пред финалето со Швајцарија (ВИДЕО)

Во 40 минута, Калајџиески со гол од пенал и донесе минимална предност на Македонија од 15:14. Како што одминуваше времето, така двете репрезентации беа под голем притисок. Следуваше период во кој беа постигнаа неколку брзи погодоци и на двете страни. На десет минути пред крајот, резултатот беше 19:19. Швајцарија успеа да го сврти резултат во своја корист, поведе со 21:20, а на осум минути пред крајот имаше и плус два гола разлика, 22:20.

Еден од најрасположените во македонската репрезентација Томислав Димковски влезе во елемент кога најмногу требаше и со неговите погодоци Македонија направи пресврт и дојде до водство од 23:22 во 57. минута. Швајцарија не успеа да се врати во игра, а голот за победа го постигна Карасманакис за големо славје на нашата репрезентација во Рига.

Најефикасни во репрезентацијата на Македонија беа Томислав Димковски со седум и Александар Петковски со шест погодоци. Мирче Калајџиески постигна четири погодоци, два даде Славчо Шулевски, додека по еден гол постигнаа Михаел Тотиќ, Ненад Белистојаноски, Антонио Николоски, Валентин Карасманакис и Тодор Узунчев.

Димковски е МВП на првенството во Рига – Четворица Македонци во Ол Стар тимот