Македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер, договори уште едно засилување пред стартот на новата сезона во која ќе биде активен на четири фронта – домашното првенство и Куп, Лигата на Европа и регионалната СЕХА лига.
Станува збор за тунискиот репрезентативец Мохамед Суси, кој доаѓа од францускиот Трембле и се договори за соработка на две сезони. Утре треба да бидат направени медицинските прегледи по што ќе следува и потпишувањето на договорот.
Овој 29-годишен лев бек потекнува од Бени Киар каде што играше до 2012 година, а потоа беше дел од Клуб Африкан цели пет сезони до 2017 година пред да ја започне интернационалната кариера во Франција.
Таму ги бранеше боите на Монпелје до 2020 година и со францускиот тим ја освои титулата во Лигата на шампионите во 2018, откако во полуфиналето беше совладан Вардар, а потоа и Нант. Суси во 2020 година направи трансфер во амбициозниот Трембле, каде остана две сезони.
Со националниот тим на Тунис беше дел од ОИ 2016, како и од СП 2017, 2019 и 2021, а на Африканското првенство освои еден златен и два сребрени медали. Тој би требало да дебитира на Струшкиот турнир, а првиот официјален настап да го има во чевртфиналето на регионалната СЕХА лига.