Машката кадетска репрезентација на Македонија ќе биде без единствениот десен бек Димитар Узунчев до крајот на настапот на ЕХФ шампионатот во Летонија.
Узунчев на вчерашниот дуел со Турција доби силен удар во мускулот, па иако на прв поглед изгледаше дека не се работи за сериозна повреда, сепак тој нема да може да игра до крајот на ЕХФ шампионатот.
Селекторот Раде Стојановиќ ќе мора да комбинира на преостанатите три средби во Рига со деснорак бек на десната страна.
Со оглед на тоа колку Летонија се изнамачи да ја победи Турција, не очекуваме да имаме проблеми и против оваа селекција, па главното за Македонија ќе биде за време на викендот.
Важно ќе биде да славиме против Летонија, да го освоиме првото место и да вкрстиме со Луксембург во полуфиналето, по претпоставка оваа селекција да загуби од Швајцарија, бидејќи токму Швајцарците според проценките ќе бидат наш најсилен ривал за остварување на целта – пласман на младинското ЕП 2024 и на кадетското СП 2023 година.
Македонија в четврток ќе се соочи со Летонија во натпреварот што започнува од 15:00 часот.