- Бразилскиот десен бек Гиљерме Линарес, откако замина од словачкиот Татран Прешов се пресели во Португалија и го засили тимот на ЛХ50. За словачкиот првак Линарес даде 174 гола на 52 меча.
- Хрватскиот репрезентативец Лука Шебетиќ во новата сезона ќе ги брани боите на бундеслигашот Минден. Шебетиќ требаше да заигра во шпанската Нава во вториот дел од минатата сезона, но поради повреда тој трансфер не се реализира. Десниот бек претходно играше за Загреб, Трембле и Мотор Запорожје.
- Најдобриот играч од Фарски Острови, Елијас Елефсен а Скипаготу, од следната сезона ќе настапува за бундеслигашот Кил. Тој се обврза на договор од четири сезони и треба да остане „зебра“ до 2027 година. Средниот бек во моментов настапува за шведската екипа Савехоф.
- 42-годишната бразилска голманка Чана Масон, го раскина договорот со данскиот Хорсенс и ќе се врати во татковината поради семејни причини. Масон претходно мина две сезони во рускиот тим ЦСКА Москва.
- Романската екипа Крајова ангажираше нова голманка. Станува збор за анголската репрезентативка Хелена Соуза, која има 27 години. Таа ќе треба да ја замени црногорската голманка Анастасија Бабовиќ, која скина лигаменти и ја очекува долга пауза.