Репрезентацијата на Холандија, која е еден од ривалите на македонската репрезентација на Европското првенство во ноември, на кое Македонија заедно со Црна Гора и Словенија се домаќините на континенталниот собир, нема да може да смета на искусната ракометарка Дејлала Амега.
Средниот бек на Борусија Дортмунд објави дека ја завршува својата ракометна кариера, откако минатата година по повредата која ја доби пред настапот на Олимписките игри во Токио реши да паузира одреден временски период, а пред извесен период истакна дека целосно се повлекува од ракометот.
Амега со репрезентацијата на Холандија го освои златниот медал на Светското првенство во 2019 година, кое се одржуваше во Јапонија. Со екипата на Борусија Дортмунд учествуваше и во Лигата на шампионите, а најголемиот дел од својата кариера го мина во Мецинген и својата татковина.
Претходно, Тес Вестер и Луис Абинг објавија дека се бремени, па така холандската репрезентација ќе настапи со изменет состав на Европското првенство. Холандија на Европското првенство во ноември во групната фаза освен Македонија за противници ги има и репрезентациите на Романија и Франција.