Тимот на Пролет со денешниот прв тренинг и официјално ги стартуваше подготовките за новата сезона, во која целта е влез во плеј-оф, за разлика од лани кога се задоволи со играње во плеј-аут. Како што најави 24Ракомет, првиот тим и во новата сезона ќе го води Алексо Лембанов.
Нови ракометари на Пролет се македонскиот репрезентативец Томи Јагуриновски, потоа повратникот во клубот Александар Василевски и црногорскиот голман Данило Михајлевиќ, кои беа дел и од денешниот прв тренинг.
Со првиот тим сезонава ќе тренираат и ќе настапуваат и тројца кадетски репрезентативци на Македонија, кои по настапот на ЕХФ шампионатот за националниот тим ќе се приклучат на тимските подготовки.
Екипата на Пролет утре заминува на осумдневни подготовки во Пехчево, а по враќањето во Скопје веднаш ќе следи и учество на турнир во Врање. Овој турнир ќе се одржи на 12 и 13 август, кога Пролет ќе ги одмери силите со Динамо Врање и со Базел од Швајцарија.
Потоа тимот се враќа во Скопје, по што кон крајот на месецот ќе следи и учество на турнир во Охрид, на кој покрај домаќинот Охрид ќе учествуваат уште и екипите Тиквеш и на Партизан од Србија.