Црногорскиот вицепрвак Ловќен пред стартот на новата сезона, започна со комплетирањето на тимот, а амбициите на раководството на клубот се враќање на шампионската титула на Цетиње, како и одбрана на Куп трофејот.
Иако пред извесен период Ловќен на тренерската позиција го ангажираше прославениот ракометар на Црна Гора, Игор Марковиќ, сепак, поранешниот црногорски репрезентативец одлучи го презеде кормилото на женскиот клуб Рудар.
Клубот како нов тренер го ангажираше искусниот стратег Влатко Ѓоновиќ. Тренерот од Бар во периодот од 2018 до 2021 година ја предводеше руската екипа Астраханочка од Астрахан, екипа со која забележа солидни резултати во рускиот шампионат.
Ѓоновиќ беше предводник и на Кишварда од Унгарија, а работеше и во стручниот штаб на Будуќност. Со екипата од Подгорица во сезона 2011/12 и 2014/15 ја освои титулата во Лигата на шампионите.
Покрај ангажирањето на нов тренер, Ловќен во своите редови донесе и неколку засилувања. Во тимот пристигна и искусниот црногорски интернационалец, Игор Радојевиќ, како и довчерашниот кружен напаѓач од Пролет, Жарко Пејовиќ.