Кукиќ за 12.000 евра во Динамо, доаѓа и белоруски пивот!

Иако пред извесен период, министерот за млади и спорт на Романија, Едуард Новак, потпиша одлука, според која од сезона 2022/23 сите клубови од сите колективни спортови (освен фудбалските) мора да имаат најмалку 40% домашни играчи, сепак, романскиот шампион, Динамо Букурешт за новата сезона ангажирал уште двајца странски ракометари, па така во тимот на Чави Пасквал во новата сезона ќе има 11 интернационалци.

Според пишувањата на романскиот портал „ГСП“, нови ракометари во редовите на Динамо Букурешт се српскиот репрезентативец, Лазар Кукиќ, за кој подолго време се шпекулира дека ќе го облече дресот на тимот од романската престолнина и репрезентативецот на Белорусија, кружниот напаѓач, Вјачеслав Бохан.

Според „ГСП“, двајцата ракометари ќе имаат висока плата во Динамо Букурешт. Лазар Кукиќ месечно ќе заработува 12.000 евра, додека месечната заработка на Вјачеслав Бохан ќе биде околу 10.000 евра.

Средниот бек од Србија минатата година потпиша договор со белорускиот шампион, Мешков Брест и требаше да биде замена за екс ракометарот на Вардар, Сташ Скубе, но поради ситуацијата во Украина, неговата преселба во Белорусија не можеше да се реализира. Србинот во редовите на Динамо Букурешт ќе пристигне од актуелниот шампион на Лига на Европа, Бенфика.

За Вјачеслав Бохан кој го напушти Мотор Запорожје, заинтересирани беа неколку клубови, меѓу кои и Барселона, но искусниот репрезентативец на Белорусија одлучил да ја прифати понудата на романскиот шампион.

Официјални засилувања во Динамо Букурешт за следната сезона се Али Зеин од Барселона и Станислав Кашпарек од Мешков Брест. Во екипата се очекува да пристигне и Педро Силва од шпански Пуенте Хенил.