По завршувањето на Суперлигата, заедно со вас – нашите читатели, како и со колегите новинари кои го следат ракометот, го избравме идеалниот тим на сезоната во македонскиот шампионат.
Единствениот специјализиран спортски портал посветен на ракометот, 24Ракомет ви овозможи и вие, нашите читатели, да бидете дел од изборот и да гласате за најдобрите ракометари во сезоната.
Номинирани беа по тројца играчи на секоја позиција од кои беше избран најдобриот. Се гласаше по принципот 3,2,1, а потоа вкупниот број на гласови по категории беше претворен во поени – 3,2,1, а на крај се направи вкупен збир од трите сегменти (максимален број на поени е 9)
Во идеалниот тим се најдоа петмина ракометари од Вардар. Во изборот на најдобри ракометари за оваа сезона имаше место и за двајца членови на Еурофарм Пелистер и еден на Еурофарм Пелистер 2, а дополнително и најдобриот тренер доаѓа од вториот битолски тим.
НАЈДОБАР ГОЛМАН – МАРТИН ТОМОВСКИ (ВАРДАР)
освои 9 бода = 3 (читатели) + 3 (новинари) + 3 (24Ракомет)
Во повеќе наврати покажа дека созрева во одличен голман што ќе биде број 1 во националниот тим. Со Томовски во ростерот, Вардар имаше сигурност на голот и ги победуваше сите ривали во Македонија.
НАЈДОБРО ЛЕВО КРИЛО – ТИМУР ДИБИРОВ (ВАРДАР)
освои 9 бода = 3 (читатели) + 3 (новинари) + 3 (24Ракомет)
Рускиот интернационалец беше еден од носителите на играта на шампионот Вардар и меѓу најзаслужните што „црвено-црните“ и оваа сезона освоија двојна круна во Македонија.
НАЈДОБАР ЛЕВ БЕК – ФИЛИП ТАЛЕСКИ (ВАРДАР)
освои 9 бода = 3 (читатели) + 3 (новинари) + 3 (24Ракомет)
Левиот бек блескаше оваа сезона, особено во пролетниот дел кога играше како препороден и скоро секој натпревар беше меѓу најдобрите стрелци на македонскиот шампион.
НАЈДОБАР СРЕДЕН БЕК – ЈОСИП ПЕРИЌ (ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР)
освои 9 бода = 3 (читатели) + 3 (новинари) + 3 (24Ракомет)
Босанскиот репрезентативец беше меѓу најдобрите играчи на битолскиот тим, иако не играше во клучниот дел од сезоната, сепак заслужи да се најде во изборот за идеален тим.
НАЈДОБАР ДЕСЕН БЕК – КУНИ МОРАЛЕС (ВАРДАР)
освои 9 бода = 3 (читатели) + 3 (новинари) + 3 (24Ракомет)
Иако пред стартот на сезоната очекувањата од кубанскиот десен бек не беа преголеми, сепак тој покажа дека има квалитет и беше меѓу најдобрите играчи на шампионот.
НАЈДОБРО ДЕСНО КРИЛО – НЕНАД КОСТЕСКИ (ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР )
освои 8 бода = 3 (читатели) + 2 (новинари) + 3 (24Ракомет)
Македонскиот репрезентативец беше меѓу најдобрите стрелци на битолскиот тим на суперлигашките натпревари и покрај големата конкуренција на десната крилна позиција.
НАЈДОБАР ПИВОТ – СТОЈАНЧЕ СТОИЛОВ (ВАРДАР)
освои 8 бода = 3 (читатели) + 2 (новинари) + 3 (24Ракомет)
Капитенот на македонскиот шампион не играше на сите натпревари, но кога играше секогаш беше меѓу најдобрите поединци, а на одлучувачките натпревари за титула, исто така беше важна алка во составот.
НАЈДОБАР МЛАД ИГРАЧ – ПЕТАР АТАНАСИЈЕВИЌ (ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 2)
освои 9 бода = 3 (читатели) + 3 (новинари) + 3 (24Ракомет)
Иако не беше секогаш меѓу најекспонираните на теренот, Атанасијевиќ успешно си ги одработуваше сите задачи и има големи заслуги во обезбедувањето на местото во Европа на битолскиот тим.
НАЈДОБАР ТРЕНЕР – АЛЕКСАНДАР ЈОВИЌ (ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 2)
освои 8 бода = 3 (читатели) + 2 (новинари) + 3 (24Ракомет)
Со младиот тим на Еурофарм Пелистер 2 направи одличен успех и обезбеди место во европските купови. Може да се пофали дека е еден од двајцата тренери со триумф над македонскиот шампион Вардар во минатата сезона.
*Покрај гласовите од читателите (33%), за идеалниот тим гласаа и новинарите (33%), како и тимот на 24Ракомет (34%).
*Во жири комисијата од колегите новинари гласаа: од највлијателните телевизии – Зоран Димевски (24Вести), Игор Паневски (Телма) и Зоран Видевски (МРТ), од единственото спортско радио – Ристе Влахов (Спортско радио 90.3 фм), од најтиражните дневни весници – Тања Димитриоска (Нова Македонија) и Зоран Спасоски (Слободен Печат), како и од најчитаните спортски портали – Зоран Мишевски (gol.mk) и Владко Арсов (sport1.mk).
*Тимот на 24Ракомет кој оваа година гласаше го сочинуваат: Билјана Благоеска Петрушева, Душко Андов, Мартин Илиевски, Петар Шимлеша, Горан Антевски, Весна Николовска и Влатко Мирчески.
*Конечниот избор на најдобри ракометари за оваа сезона е добиен како збир на гласови од сите три сегменти на анкетата.
*Благодариме за вашето активно учество во годинешниот избор за најдобар ракометар на сезоната во машката Суперлига вкупно изброивме околу 108 000 гласови од ракометните фанови.