Во новата ракометна сезона познатата македонска фармацевтска компанија Алкалоид може да очекуваме да има две екипи што ќе бидат дел од системот на натпревари на РФМ. Едната екипа ќе го носи името РК Алкалоид Акционерско друштво (АД), и е правен наследник на досегашната екипа на РК Алкaлоид која беше здружение на граѓaни. Другата екипа треба да биде РК Мулти Есенс АД која првпат ќе се натпреварува во системот на РФМ.
И двете екипи се во 100 отстотна сопственост на компанијата. Едната екипа ќе игра во машката Супер лига, а другата би требало да почне од најнизок ранг, односно од Прва лига. До 1 јули е пријавувањето на екипите што сакаат да се натпреваруваат, по што следната недела ќе се знае колку тимови ќе има во прва лига, и ќе следува ждрепка.
Двете акционерски друштва за спортска дејност се веќе регистрирани во Централениот Регистер и според достапните податоци може да се види дека имаат основна главница од 25.000 евра, колку што е потребно за основање на АД.
Екипата на Алкалоид лани почна да се натпреварува, и веднаш избори пласман во машката Супер лига, каде сите екипи мораат да бидат АД, па затоа и досегашното здружение мораше да се трансформира. Овластено лице е Горан Минов, додека во Одборот на директори покрај Минов е уште и Тодос Димовски и Владимир Индов.
Втората екипа во сопственост на Алкалоид ќе го носи името Мулти Есенс, а овластено лице е Ратко Ставров, додека во одборот на директори се и Дарко Нанов и Александар Насков.
За Мулти Есенс е веројатно дека ќе биде вториот тим што се подготвува и кој се заговараше претходните месеци. Тој треба да биде дел од Прва лига, со амбиција да биде и суперлигаш. Според пропозициите на РФМ, не може исто АД да има две екипи во Супер лига, туку мора да бидат два различни субјекти. Нема член кој забранува сопственик на различно АД да биде ист субјект.
Мулти Есенс е бренд кој се наоѓа на дресовите на судиите, заедно со други брендови што ги поседува компанијата Алкалоид од каде е и претседателот на РФМ. Сега веројатно ќе треба истите да бидат заменети со други…