Клубот Овче Поле кој во минатото беше синоним на ракометот во источна Македонија и клуб од кој потекнува македонската легенда, Кире Лазаров, периодов активно работи во создавање на нова приказна од која треба да излезат нови идоли на помладите генерации. Во Свети Николе и спортската сала ,,Цар Самуил“ по подолга пауза се враќа машкиот ракомет. Од екипата на Овче Поле потекнуваат некогашните репрезентативци на Македонија, Кире и Филип Лазаров, Игор Павловски, Бојан Бетувски..
Машката екипа на Овче Поле по подолга пауза повторно се враќа на ракометната мапа во Македонија. Клубот од Свети Николе во наредната сезона ќе им овозможи на своите сограѓани да следат ракометните натпревари од машкото натпреварување, откако група на ентузијасти, меѓу кои и 51 годишниот, Зоран Диневски, направија голем чекор и го вратија клубот на натпреварувачките патеки.
Овче Поле во следната сезона ќе учествува во Првата лига, која во споредба со претходната сезона, значително ќе го загуби квалитетот. Главната задача на клубот ќе биде работатата со младиот кадар и долгорочно инвестирање во истиот, со оглед на тоа дека Свети Николе како град, секогаш важел за ракометен расадник.
Предводник на сениорскиот тим во Првата лига ќе биде екс ракометарот на Овче Поле, Зоран Диневски, кој во својот ростер ќе има на располагање млади играчи, од кои нема да се очекува преку ноќ да го вратат стариот сјај на клубот, туку да се изборат за солидно претставување во прволигашкото друштво.
За следната сезона не се знае точниот број на екипи кои ќе се натпреваруваат во Првата лига. За очекување е да има неколку повратници, но и дебитанти, кои ќе се обидат да го направат поинтересно првенството, но и борбата за првите позиции на табелата.
Во екипата на Овче Поле своите ракометни почетоци ги направи и Кирил Лазаров пред да ги направи следните трансфери, и да стигне до самиот европски и светски врв. Во источниот дел од Македонија има само неколку екипи и секое вклучување на тимови во системот на натпреварување е за позитивно и треба да се поздрави и помогне.