Ракометарите на Текстилец беа на чекор да остварат втора победа по ред во плеј-аутот од Првата лига во 3. коло на гостувањето кај Шампион, но во последните десет минути испуштија четири гола предност и одиграа нерешено 24:24.
Првото полувреме беше многу израмнето, најчесто се играше гол за гол, а највисоката предност што ја имаше една од екипите беше два гола. На полувреме гостите заминаа со водство од 13:15.
Во вториот дел Текстилец долго имаше контрола на играта и резултатот. Во 49. минута Петров погоди за 20:24 за Текстилец, но до крај гостите не постигнаа гол а Шампион успеа да израмни и да избегне пораз.
Најефикасни во домашниот тим со по шест гола беа Александар Велјановски и Христијан Сибиновски. Во тимот на Текстилец прв стрелец со седум гола беше Милисав Петров, а по четири постигнаа Јовановски, Димитријев и Џинес. Со овој нерешен резултат двете екипи остануваат на последните две места на плеј-аут табелата.