Храбриот Вардар со реми кај Веспрем се збогува од ЛШ!

Ракометарите на Вардар се елиминирани од Лигата на шампионите, откако по убедливиот пораз во Скопје, 30-22, одиграа нерешено, 31-31. Иако губеа и во Веспрем со шест гола, сепак на крајот, успеаја да стигнат и до реми, кое значи многу во поглед на имиџот на клубот.

Дибиров отвори со погодок, но потоа серија од три гола на Веспрем, за 3-1. Првпат домашните имаа и предност плус три, 6-3, по десетина минути игра со голот на Ненадиќ. Вардарци искористија две шанси и преку Моралес и Тото се вратија во игра, 6-5, но потоа примија брз гол од Мае за 7-5. Беше и минус еден за македонскот првак, 8-7 по проектилот на Талески.

Но тогаш две грешки, кои веднаш беа казнети и Веспрем се одлепи на 11-7. Во игра влезе Додиќ и малку ја размрда играта на вардарци, па нашиот тим полесно постигнуваше голови. Во одбраната избраниците на Дејвис немаа решение за Нилсон, кој исто како и на првиот меч погодуваше без проблем. Разликата во продолжение се движеше меѓу три и четири гола предност за Веспрем.

На пет минути до крајот на првиот дел, Вардар згреши два пати по ред  пак беше казнет набрзина за 17-11. Беше и 18-12, но капитенот Стоиилов реализираше, а потоа домашните не погодија и на пауза се замина со 18-13.

На стартот на вториот дел Вардар врза два гола и намали на 20-16, а потоа се играше гол за гол. Кевин Њокас се повреди по еден старт на Благотиншек, па Моралес се врати во игра. Нападот не беше толку проблем, колку што беше одбраната и лесните голови на Веспрем.

Гогов го замени Томовски на голот и имаше неколку одбрани, па Вардар се доближи на минус три, 26-23, откако реализираше Тото во 47. минута. Имаше нашиот тим при 28-26 и шанса за минус еден, но Диало промаши во контранапад. Гогов одбрани пенал, а тоа што не му успеа на Французинот, го направи Чувара и Вардар беше на 29-28 кога имаше да се играат уште три минути.

Додиќ по едно промашување на домашните погоди и имаше реми, 29-29, па Илиќ мораше да бара тајм-аут. Ненадиќ најде една дупка во вардаровата одбрана и пак го врати Веспрем во водство, 30-29, но и Оливие Њокас погоди за ново реми. Уште по еден гол на двете страни за 31-31, а Веспрем не го искористи последниот напад за победа.

Кај Вардар се истакнаа десните бекови Моралес со шест и Кевин Њокас со пет погодоци, а голманите Томовски и Гогов собраа 15 одбрани. Младиот Гогов имаше околу 60% на одбранети удари. Во Веспрем се истакнаа Јахја со седум и Нилсон со пет гола.