Илиев со 13 гола го реши Вардар Неготино, Голден Арт запиша нов триумф

По трумфот над Младост во Богданци, ракометарите на Голден Арт ја забележаа втората победа во прволигашкиот плеј-оф. Избраниците на Никола Матлиески славеа против Вардар Неготино со 30-23, но гостите одлично парираа во првото полувреме и на стартот на вториот дел.

Натпреварот, како и многупати досега, го одбележа средниот бек Ивица Илиев со постигнати 13 погодоци.

На стартот на мечот домашните имаа гол или два предност, а за разликата да не биде поголема се погрижи голманот на неготинци, Александар Мицев. Гостите на два пати израмнија во финишот на полувремето, 10-10, 12-12, но на пауза Голден Арт ја имаше предноста, 16-14.

Како заврши првиот, така почна и вториот дел. Домашните водеа, но неготинци секогаш беа „тука некаде“. Клучниот момент на натпреварот се случи при резултат 21-19. Тогаш Голден Арт реализираше пет пати во серија за 26-19 и веќе беше јасно дека бодовите остануваат дома.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Илиев со 13 гола и Давид Даев со шест погодоци, додека кај Вардар Неготино се истакна Драган Кузманов со седум гола. Голден Арт се зацврсти на второто место на табелата со 22 бода, додека Вардар Неготино е трет со 18, но Младост, Јуниор КВ и Драчево ја „демнат“ таа позиција.