Машката сениорска репрезентација на Македонија ги доби противниците на патот до ново учество на Европското првенство во 2024 година во Германија.
Репрезентациите на Португалија, Турција и Луксембург ќе бидат ривали на македонската репрезентација.
Голманот на репрезентацијата на Македонија, Никола Митревски, кој одлично ја познава репрезентацијата на Португалија бидејќи настапува во Порто, смета дека токму дуелот со Португалија ќе биде одлучувачки за првото место во групата.
„Добивме солидна група, нема да биде лесно, но мислам дека имаме реални шанси за пласман на Европското првенство во Германија. Ние не потценуваме никого и мислам дека дуелот против Португалија би требало да одлучува за првото место во групата“, изјави Митревски.
Македонија ги стартува квалификациите во октомври годинава со домашен дуел против Луксембург, а потоа ќе и гостува на Турција. Двомечот со Португалија ќе биде во март, 2023 година.
Поволна ждрепка: Португалија и Турција стојат на патот на Македонија до ЕП!