По ракометната репрезентација на Македонија, која го мина првиот бараж двомеч за пласман на СП, денеска на сцена ќе биде фудбалската селекција.
Фудбалерите немаат настап на СП ниту еднаш, а прв ривал во баражот е Италија. Тамошните медиуми во анализата и најавата пред мечот во Палермо, пишуваат дека фудбалот не е на рангот на ракометот, а свое место во медиумите доби и Кире Лазаров.
„Ако се анализира спортот, Македонија е земја на ракомет и борење. Дури и кошарката е попопуларна од фудбалот, кој за првпат во својата историја се најде во бараж за пласман на еден Мундијал. Кире Лазаров е име кое ја прослави Македонија во ракометот. Ракометните репрезентации во континуитет се постојани учесници на европски и светски првенства, а фудбалот се мачи за своето прво учество на СП. Дури и кошаркарите се прославија со четвртото место од ЕП во Литванија“, пишува „Газета дело спорт“.
Сепак Италијанците добро познаваат и дел од македонските фудбалери, па сигурно не мислат дека ќе имаат лесна задача. Се игра само еден натпревар, а победникот од дуелот меѓу Македонија и Италија, ќе игра со подобриот од Португалија и Турција за место на СП.