Половина од планот е исполнет, и Македонија е на чекор до пласман на уште едно СП, откако во првите квалификации ја елиминираше Романија (30-22 и 22-24). Сега следува уште еден дуел, овојпат со Чешка на 13 и 16 април каде подобриот ќе игра на завршниот турнир на Мундијалот во јануари 2023 година.
На двата квалификациски натпревари Македонија го контролираше резултатот, а и покрај високата победа во Скопје и на гостувањето замина со амбиција да победиме. И бевме блиску и до исполнувае на таа цел, иако можевме да си дозволиме и пораз кој ништо не решаваше.
„Триумфот во Скопје ништо не смени во нашите размислувања. Сакавме две победи. Заминавме за Романија со мисла и верба дека и таму можеме и треба да победиме. Ништо не можеше да не изненади во Букурешт. Бевме подготвени на се, имавме направено одлична анализа и знаевме речиси се што противникот може да направи, вели Томислав Јагуриновски (23) кој по мала пауза повторно се врати во националниот тим.
Тој беше единствениот играч што после натпреварот остана во Букурешт. Од таму денеска продолжи за Исланд каде настапува сезонава во тим каде тренер е Стефче Алушовски.
„Имавме малку време заедно со репрезентацијата да се израдуваме. Тие заминаа веднаш на аеродром на летот за Скопје, а јас останав тука во хотел. Се средуваат мислите, но пред се морам да кажам дека многу нормално, без голема возбуда или притисок игравме тука. Се ни беше некако нормално, вели Јагуриновски. „Бевме сигурни во себе“
Македонија на овој двомеч изгледаше доминантно и пред се искусно, знајеќи да ги искористи сите шанси што им се укажуваат. Селекторот Кирил Лазаров го имаше добро прочитано својот учитетл Чави Пасквал кој ги водеше Романците.
„ Знаевме што не чека во Букурешт, и можевме да се справиме со секој предизвик. Домаќините беа навистина коректни, ама пред се ние максимално мотивирани, подготвени до детал за секој нивни играч, за секоја нивна можна акција. И најважно од се дека знаевме да се носиме со тој предизвик и да одолееме на се она што беше пред нас, вели Јагуриновски. „
Нашиот интернационалец кој настапува во Исланд имаше свои задачи на натпреварот, и играше и во одбрана и во напад. Враќањето во националниот тим значи потврда за неговите досегашни добри игри на Исланд, и тоа дека Македонија има многу играчи кои може да ги користи.
„Секако дека повикот многу ми значи. Но, уште поважно е дека сме ја исполниле нашата цел. Имаме играчи што може да одговорат на секоја задача, вели Јагуриновски кој веќе има понуди да остане уште една сезона на Исланд.
„Имам договор да останам уште една сезона, но треба да разговараме. Прво треба да го исполниме планот и да се пласираме во првата лига. Потоа е се полесно. Има и други понуди, но секако има време за размислување.