Божиновски со 12 гола ја водеше Македонија ЃП до победа кај Кичево

Ракометарите на Македонија Ѓорче Петров славеа на гостувањето кај Кичево со 36:42 во ефикасен натпревар од последното 18. коло од групта Б во Првата лига, но и покрај тоа не успеаја да обезбедат плеј-оф.

Во поголемиот дел од првото полувреме се играше максимално израмнето, двете екипи имаа добри минути но само минимално водство. Сепак после првите 30 минути гостите успеаја да обезбедат два гола позитива, 18:20.

Во продолжението Македонија ЃП играше сигурно и не дозволуваше Кичево да стигне до израмнување. Кон средината на вториот дел гостите направија предност од највисоките шест гола кои без поголеми проблеми ги сочуваа до крај за конечна победа.

Најефикасен во домашниот тим на Кичево беше Мојсие Тасески со десет погодоци, а Јовица Костовски постигна пет гола. Во тимот на Македонија ЃП вистински предводник до победата беше Војислав Божиновски со 12 погодоци, додека седум постигна Дарко Јаневски.