Од македонските ракометарки, кои што настапуваат во Романија, само Елена Ѓорѓиевска оствари победа со нејзината екипа, Магура Чиснадие, додека останатите ракометарки беа поразени со своите екипи.
Магура Чиснадие го доби дерби натпреварот против Валчеа, триумфираше со 24:23 и со новите освоени бодови го презеде третото место на табелата. Иако беше во составот, сепак, Ѓорѓиевска не доби шанса на овој натпревар.
Екипата на Дунареа Браила, во која настапува Јована Саздовска, беше поразена од актуелниот лидер, Рапид Букурешт, со 11 гола разлика, 33:22. На овој натпревар, Саздовска беше втор стрелец во поразениот табор со четири постигнати погодоци.
Пораз запиша и екипата на Елена Ливриниќ и Сања Дабевска, Дева, која на свој терен немаше доволно сили против силниот тим на ЧСМ Букурешт, кој без многу проблеми дојде до победа од 30:20.
Ливриниќ доби солидна минутажа против поранешниот освојувач на Лигата на шампионите и со шест постигнати погодоци беше најефикасна во својата екипа. Дабевска не успеа да се запише во листата на стрелци.
Глорија Бузау и Марија Штериова беа изненадени од Крајова со еден гол разлика, 25:24. Штериова во противничката мрежа постигна еден гол од два обиди.