Тимот на Ница, каде што тренер е Марјан Колев, а голот го чува Јована Мицевска, освои важни бодови на домашен терен против незгодниот состав на Мерињак откако триумфираше со еден гол разлика, 28:27, во натпревар од 16. коло од францускиот шампионат.
Мицевска на овој натпревар доби солидна минутажа и на терен мина 40 минути. Голманката од Македонија во дадената прилика успеа да забележи шест интервенции, додека нејзината колешка, Марија Чолиќ, натпреварот го заврши со само три интервенции.
Составот на Марјан Колев по 16 одиграни натпревари се наоѓа на 9. позиција на табелата со 28 бодови, но има голема шанса да обезбеди пласман меѓу првите седум екипи.
Ница во следното коло гостува кај актуелниот лидер на табелата и учесник во Лигата на шампионите, Мец.