Ракометарите на Голден Арт во рамките од 14. коло од Првата машка лига на гостувањето во Автокоманда кај екипата на Аеродром забележаа убедлива победа од 30:21.
Воведниот дел од натпреварот помина во израмнета борба, во која ракометарите на Дарко Петровски одржуваа минимална предност од еден гол разлика. Екипата на Голден Арт со погодокот на Илиев го презеде водството и за првпат на натпреварот дојде до позитива од 4:3.
Голден Арт по осум минути игра стигна до највисоки два гола разлика, 6:4, а по една минута имаше и 7:4. Аеродромци во неколку наврати пропуштија шанса да дојдат до минус еден, па така составот на Голден Арт во 15. минута имаше солидна предност од 8:5.
Голманот на Голден Арт, Златко Даскаловски, на двапати постигнаа два погодоци на празна мрежа за 9:6 и 10:6. Тука веќе домаќините паднаа под психолошкиот притисок и дозволија уште два погодоци во нивната мрежа. По убедливото водство на гостите од 12:6, Талевски ја прекина лошата игра на домаќините и намали на 7:12. Избраниците на Никола Матлиески на полувреме заминаа со предност од 15:10.
Гостинската екипа за десет минути игра во второто полувреме направи серија од 7:0 за највисоко водство од 22:10. Домаќините првиот погодок го постигнаа во 40. минута преку Димитријевски. Малиот блесок на голманот Богдановски беше искористен од неговите колеги кои ја намалија негативата на 15:23.
Во последните петнаесетина минути, Голден Арт не дозволуваше лесни погодоци и рутински ја одработи задачата до последната секунда. Аеродром се обидуваше да се избори за поблаг пораз, но крајниот исход од средбата беше плус девет гола разлика за Голден Арт, 30:21.
Најефикасни во победничката екипа беа искусните, Ивица Илиев и Зоран Стојановски, со по осум, односно шест погодоци. Во составот на Аеродром се истакнаа Бојан Николовски со пет и Филип Пајкоски со четири погодоци.
Со новите освоени бодови, Голден Арт го презеде второто место на табелата во рамките од Групата Б.