АЕК Атина со екс пелистерец доаѓа во Битола

Грчкиот шампион АЕК Атина, кој е еден од противниците на Еурофарм Пелистер во Лига на Европа, за продолжението од сезоната реши да ги засили своите редови со украинскиот ракометар, Олександр Шевелев.

Искусниот пикер во сезона 2019/2020 беше дел од тогашниот проект на Еурофарм Пелистер, но одигра само во есенскиот дел од сезоната, додека пролетниот дел го пропушти поради повреда.

Минатата година најави дека ќе ја заврши својата кариера. Сепак, во оваа сезона продолжи со настапите на ракометните терени и направи трансфер во грчкиот суперлигаш, Диомидис Аргус.

По неговите одлични настапи за Диомидис Аргус, раководството на АЕК Атина реши да го ангажира за подобри резултати во пролетниот дел од оваа сезона.

Шевелев во својата кариера имаше настапи и за поранешниот ракометен гигант, Сиудад Реал, а исто така го носеше дресот и на екипите на Портовик Јужњи, ЗТР Запорожје, Мотор Запорожје и Динамо Минск.

Украинецот го очекува меѓусебна пресметка со неговите екс колеги од Битола. АЕК Атина и Еурофарм Пелистер ќе се сретнат во последното коло од Лига на Европа. Грчкиот претставник во Битола ќе гостува на 8 март. Првиот натпревар меѓу двете екипи го доби составот на Жељко Бабиќ со 30:27.