После 20 години чекање репрезентацијата на Шведска успеа да дојде до трофејот на Европското првенство откако денеска после големо надигрување против Шпанија со гол од пенал после истекот на времето дојде до триумф од 27:26 и до круната која толку се посакуваше. Швеѓаните ја запреа Шпанија во обидот за хет-трик и покажаа дека во моментов се меѓу најдобрите селекции во светот.
Од почетокот на натпреварот се виде дека ова ќе виде израмнета средба во која нијанси ќе решаваат. Швеѓаните преку Готфридсон и Бергендал отворија со 2:0, но Шпанците трпеливо продолжија во средбата и имаа приклучок бидејќи разликата беше гол или два.
Првото израмнување дојде во 14. минута од средбата кога Фигерас погоди за 6:6 и тука средбата доби еден сосема поинаков тек бидејќи мораше да се игра далеку поконцентрирано во продолжението од натпреварот. Швеѓаните најдоа начин и игра како да стигнат до простор за одново да се изборат за плус два и да имаат 9:7, па 10:8, 11:9. Ова беше во 22. минута кога дојде првата серија од три гола на некој тим. Шпанците преку Тарафета, Фернандез и Фигерас успеаја на почетокот на 30. минута да имаат и прво водство од 12:11. Потоа набрзина за неполна минута имаше уште по еден гол на двете страни и на одмор беше 13:12 за Шпанија.
Првите 5-6 минути од второто полувреме минаа во знакот на европскиот првак Шпанија. „Црвената фурија“ имаше плус два, а потоа следуваше приклучок од страна на Швеѓаните кои успеаја да израмнат во 39. минута на 17:17 и тука средбата како токму тогаш да почнуваше.
Швеѓаните имаа за нијанса порасположени ракометари, но и Шпанците парираа добро. Речиси на секој погодок на едната селекција имаше противодговор од спротивната страна така што долго се играше гол за гол.
На шест минути до крајот на натпреварот Ване успеа да погоди од контра за 25:23 и се чинеше дека полека се влага во финишот од средбата. Сепак, многу брзо следуваше реакција од Абељо за намалување. Швеѓаните останаа уште кратко во плус два, а потоа Шпанија успеа да израмни на 26:26 и да ги направи последните минути во неизвесност и возбудувања.
Иако Швеѓаните имаа напад за водство не успеаја да го искориститат нападот, па Шпанците добија шанса. Кањелас не успеа да шутира како што знае, па Шведска имаше последен напад. Швеѓаните добија пенал, а Никлас Екберг беше играчот кој успеа да го реализира и тоа после истекот на времето за голем триумф на Швеѓаните и петта титула Европски првак.
ШВЕДСКА – ШПАНИЈА 27:26 (12:13)
Сала: Мултифункционална арена во Будимпешта. Судии: Роберт Шулце и Тобијас Тонис од Германија. Делегат: Балаш Сос од Унгарија и Виктор Поладенко од Русија.
ШВЕДСКА: Паличка 1, Тулин, Карлсбогард 2, Дарј 1, Екберг 5, Д. Петерсон 2, Ване 4, Ф. Петерсон, Клар 2, Пелас, Лагергрен 1, Готфридсон 3, Персон, Бергендал 5, Валиниус, Хринц 1
Седмерци: 4/7, Исклучувања: 6 мин.
ШПАНИЈА: Перез де Варгас, Коралес, Гурбиндо, Пецина, Македа 1, Фернандез Перез 4, Сармиенто, Фигерас 6, Кањелас 1, Касадо 1, Гомез Абељо 6, Арињо, Гвардиола 2, Тарафета 5, Санчез Мигаљон, Одриозола
Седмерци: 4/4, Исклучувања: 8 мин.