Со гол постигнат во последната секунда од средбата, ракометарите на Русија успеаја да дојдат до првиот бод во втората рунда на Европското првенство откако одиграа нерешено со Полска, 29:29.
Избраниците на Велимир Петковиќ добро го започнаа натпреварот и до 25. минута беа во водство од еден до најмногу три гола позитива. Русите со головите на Житников, Косоротов и Шишкарев имаа предност од 5:2 во воведниот дел. Во продолжението на сцена настапи голманот на полската репрезентација, Матеуш Земжицки, кој во првото полувреме имаше десет интервенции и беше клучна фигура во промената на резултатот во корист за својата репрезентација.
По водството на Русија од 9:7, Полјаците со два гола во низа дојдоа до израмнување на резултатот, 9:9. До крајот на првото полувреме се играше гол за гол, а ракометарите на Патрик Ромбел со подобрата игра во завршниот дел од првите 30 минути успеаја на полувреме да заминат со минимална предност од 13:12.
Полска со голот на Сичко во второто полувреме за првпат дојде до највисоки плус два, 14:12. Во брзата игра на двете репрезентации одбраната речиси беше невидлива, па така за скоро седум минути игра во второто полувреме беа постигнати осум погодоци. По минималното водство на Полска од 17:16, Корнев и Житников ја вратија предноста на својата репрезентација и резултатот во 40. минута беше 18:17 за Русија.
Русија на неколку пати имаше два позитива, но Полска повторно дојде до израмнување на резултатот, 24:24, на десет минути пред крајот. Повторно продолжи играта гол за гол и ниту една од двете репрезентации не можеше да се одлепи на поголема предност од плус еден, па така имаше постојана промена на резултатот.
Ермаков во последната минути не успеа да реализира. Поради тоа, Велимир Петковиќ започна да прави мали сцени, а судиите мораа да му доделат црвен картон. Полска во последниот напад ја искористи ситуацијата со играч повеќе и преку Дашек дојде до 29:28. Сепак, во последната секунда Косоротов не дозволи победа на Полјаците и со својот осми гол и донесе бод на својата репрезентација.
ЕП 2022, ГРУПА 2 – ТАБЕЛА