Поранешниот тренер на Пелистер и екс репрезентативец на Црна Гора, Ратко Ѓурковиќ во продолжението од сезоната ќе биде нов тренер во екипата на Црвена Звезда. Негова задача ќе биде со Црвена Звезда да обезбеди опстанок во најсилната лига во Србија.
Ѓурковиќ последниот ангажман како тренер го имаше во Кувајт, во тимот на Ал Кураин, а исто така беше предводник на црногорски Ловќен со кој го освои Купот на Црна Гора во 2011 година, потоа Пелистер, Борац од Бања Лука, Ал Рајан и унгарските клубови, Комло и Орошхази.
Работеше како тренер и во поранешниот грчки шампион во женска конкуренција, Орми Патрас. Во својата играчка кариера го носеше дресот на Ловќен, Металопластика, Синтелон, Партизан, Бидасоа, ПИК Сегед и Босна Сараево.
Беше дел од бронзената генерација на Србија и Црна Гора, која на Светското првенство во 2001 година го освои третото место. На Олимписките игри во Сиднеј со поранешната федерална државна го освои четвртото место. Од 2006 до 2008 беше член на црногорската репрезентација.