Репрезентативците на Македонија го завршија настапот на Европското првенство откако денеска го загубија и дуелот против Данска со 21:31. Имаа одлично отворање на средбата, но тешко продолжение во кое втората постава на Данците успеа да има целосна контрола.
Македонија влезе во средбата со предност од 4:0. Стигна до ваков резултат за шест минути игра, а потоа работите целосно се сменија и Данска успеа да стигне до пресврт и после 6:5 влезе во комплетна контрола на натпреварот.
До крајот на првиот дел Данците имаа водство кое постојано го зголемуваа и имаа надежи за уште подобар резултат односно за убава предност на паузата. Стигнаа до највисоки четири гола и успеаја да стигнат до 15:11, разлика која им беше сосема доволна за мирно продолжение на натпреварот.
Во вториот дел немаше многу простор за враќање во средбата. Ракометарите од Македонија се обидоа да намалат, но одбраната на Данска беше добра која стоеше цврсто и едноставно ги принудуваше нашите репрезентативци на грешки.
Десетина загубени топки за 40 минути игра беа премногу за да може да се парира на една екипа каква што е Данска, која е меѓу кандидатите за златен медал така што рано се влезе во голема негатива. Одеше кон двоцифрена, а во 52. минута беше 17:27 така што тука веќе беше сосема извесно дека Македонија нема да има никаква шанса за да дојде до нешто повеќе на овој дуел.
Во финишот негативата стана уште поголема. Како да немаше веќе сила и желба за да се намали високиот пораз, па предвреме се имаа помирено со загубениот дуел. На крајот беше 21:31 со што Македонија со три порази од три дуели си заминува од Дебрецин и од Европското првенство.
ЕП 2022, ГРУПА А – ТАБЕЛА