Македонската репрезентација го доживеа вториот пораз на Европското првенство чии домаќини се Унгарија и Словачка. Ако изданието на избраниците на Кирил Лазаров на првиот дуел, против Словенија, даваше надеж поради играта и вложениот труд, овој вториот од Црна Гора ја расипа комплетната слика за квалитетот на нашата селекција.
На трибините во Дебрецин беше и претседателот на Македонската ракометна федерација, Живко Мукаетов, а неговите реакции доволно говорат за играта на македонските репрезентативци на дуелот со Црна Гора (24-28).
Претседателот Мукаетов е во Дебрецин со ракометарите од самиот почеток на првенството, тој не се појави на промоцијата на женското Европско првенство 2022 во Словенија, на кое и Македонија е една од земјите домаќини заедно со Словенија и Црна Гора. А комплетната поддршка за македонскиот национален тим и вложениот труд не го оставија рамнодушен.
Македонија останува да го одигра уште последниот дуел од групата А, пред да се врати дома, а противник е актуелниот светски првак Данска, која игра одличен ракомет на ова првенство. Претседателот Мукаетов сигурно ќе има што да им каже на репрезентативците особено на оние помладите кои го започнаа дуелот со Црна Гора.