Репрезентацијата на Хрватска на првиот дуел од Европското првенство доживеа пораз од Франција. Во натпреварот, кој заврши со резултат 27:22 за француската репрезентација, имаше многу исклучувања, црвен и син картон, искри на теренот…
Некогашниот голем ас во ракометот и поранешен капитен на хрватската репрезентација од 2006 до 2009 година, Петар Метличиќ, беше гостин во отвореното студио на хрватската телевизија „РТЛ“ и даде свој коментар за одиграниот натпревар на Хрватите против Франција.
Метличиќ се осврна на ситуацијата, која настана во 47. минута. Хрватска во тој период од натпреварот доби 3 исклучувања. Судиската правда помеѓу Хрватска и Франција беше во рацето на Вацлав Хорачек и Јиржи Новотни од Чешка.
„Ова беше сосема заслужена победа за репрезентацијата на Франција. Но, овие двајца кловнови од Чешка, морам така да ги наречам, луѓето кои ги следат нашите натпревари, знаат дека секогаш ни судат лошо. Мораме да бидеме свесни дека ова не беше добро, но би го пофалил и тимот. Беа многу борбени, од првата до последната минута. Мандиќ и Срна направија непотребни исклучувања. Се согласувам дека исклучувањата беа оправдани, но реакцијата на француските играчи на таа ситуација заслужи барем едно исклучување во нивните редови. Карабатиќ прв влегува во дуел со играчот, и ништо не се случува, ниту има било какво предупредување. Имавме проблеми во нападот, а Французите знаеја како да го искористат тоа“.
Хрватска во второто коло од групната фаза ќе се соочи со селекцијата на Србија. Овој натпревар ќе се одигра утре, со почеток од 20:30 часот.