Соочени со бројни проблеми поради отсуството на ракометарите кои се позитивни на Ковид 19, но и без селекторот Зоран Рогановиќ, Црногорците на стартот на Европското првенство беа убедливо поразени од Данска со девет гола разлика, 30:21.
Левиот бек на црногорската репрезентација, Васко Шеваљевиќ е премногу задоволен од играта против Данците, посебно од младите ракометари кои се покажаа во солидно светло.
„Јас сум горд на овие момци, на начинот на кој се бореа на теренот. Тие ги оправдаа очекувањата и многу ми е мило што сите добија шанса против Данска. Само така треба да продолжат во иднина“.
Поранешниот ракометар на Вардар е голем оптимист за натпреварот против Македонија.
„Го гледавме дуелот на Македонија против Словенија. Можеме да играме добро против двете репрезентации. Македонците добро се држеа во првиот натпревар. Ние имаме што да бараме против нив и одиме на победа. Но, никогаш не се знае што ќе се случи, што ќе донесе новото тестирање на коронавирус. Мора да размислуваме позитивно во овој случај“.
Натпреварот помеѓу селекциите на Црна Гора и Македонија е закажан за 15 јануари, со почеток од 18:00 часот.